Амбасадорот на Европската унија во земјава Дејвид Гир, во видео интервју за OhridNews уште еднаш порача дека е многу важно да се заштитат универзалните вредности на Охрид и езерото. Според него, регионот е под голем притисок како од човечките активности, така и од климатските промени. Гир истакнува дека стандардите кои ги пропишува УНЕСКО се и стандарди кои ги поддржува Европската унија. Прашањето е, вели тој, како да го заштитиме ова уникатно богатство, и за луѓето што живеат овде сега, но и за идните генерации.

Тоа не е лесно, треба да се направат многу различни нешта наеднаш за да се зачува она што го имаме тука. Тоа значи да се грижиме за животот во водата, значи да се осигура да нема дивоградби, да се почитува духот на местото, а во исто време да има работни места и да се креираат нови можности за луѓето кои живеат тука. УНЕСКО многу помага во сето ова, бидејќи она што го прави е поставување на одредени стандарди и опишува работи кои мора да се направат за да се заштити езерото, да се заштити градот, преку интернационалните стандарди како и ЕУ стандардите, како на пример за  заштита на водата. Ние во ЕУ сме многу активни во поддршката на сето ова и навистина би сакале и езерото и градот да бидат заштитени сега и за идните генерации, вели во интервју за OhridNews Амбасадорот Дејвид Гир.

Што се однесува до прашањето за отворање на пристапните преговори со Европската Унија, Гир истакнува дека перспективата на државава да биде дел од Европското семејство никогаш не била спорна, но дека се уште е потребно да се работи на спроведување на реформите. Вели дека со преземањето на претседателството од Словенија е оптимист за конечно отворање на преговорите.

Најважно во прилог за отворање на преговорите е да се продолжи кон остварување на реформите. Оваа земја како секоја земја во светот се соочува со многу предизвици. Го имаме Ковид- 19, ги имаме климатските промени и зелената револуција, имаме дигитална револуција, младата генерација која си заминува и млада генерација која сака да работи и да инвестира во својата земја. Одговор на сите овие предизвици се реформите.  Секој чекор преземен за спроведување  на реформите е чекор кој води до ЕУ,  истакна амбасадорот Гир.

Според евроамбасадорот, значајно е тоа што земјата сака да оди напред кон ЕУ, и во тој контекст многу е важно сите политички партии да работат заедно на остварување на реформите, што е во интерес на граѓаните.

Повод за интервјуто со Амбасадорот на Дејвид Гир беше традиционалната Вечер на ЕУ на Фестивалот „Охридско лето“, што се одржа деновиве. Со него отворено разговараме за културата, впечатоците oд првите десет месеци од неговиот мандат во земјава, искуствата кои ги доживува тука, што прави во слободно време, каква храна сака, што му се допаѓа, а што не. Целиот разговор може да го погледнете тука:

Интервјуто со Амбасадорот на ЕУ во Македонија Дејвид Гир, е вовед во новиот концепт на работа на порталот OhridNews кој во иднина ќе продуцира специјализирани емисии, интервјуа и различни креативни содржини од секојдневниот живот и ќе ги актуелизира на еден поинаков начин актуелните проблеми и состојби во општеството.

OhridNews