Турбо ритамот за охриѓани продолжува со натпревар во националниот шампионат каде во воведните три кола имаат исто толку победи.
Вечерва од 17.30 (МТВ пренос) “езерџиите“ ќе го имаат првиот посериозен тест, бидејќи во “Билјанини“ доаѓа битолски Свислион Пелистер.
Пелистерци солидно играат годинава а по трите кола имаат две победи и еден пораз и тоа од Фени Индустри. Капитенот Ефтим Богоев повикува на максимална концентрација во пресрет на дуелот со Пелистер.
– Сериозно треба да се пристапи кон натпреварот, без ни мало потценување на противникот. Секој противник го респектираме, ние ќе се обидеме од стартот да го наметнеме темпото на игра, како би го одвеле мечот во мирна завршница- вели Богоев.
Во подготвителниот период охриѓани на два пати ги совлаада битолчани, но пријателските натпревари се нешто сосема друго, смета Богоев.
Натпреварите против Пелистер денеска и оној против Овче Поле ќе бидат последните проверки пред мечот во второто коло од Фиба Евро Челинџ купот, против Холандскиот Ајфел Таурс.
Охриѓани деновиве очекуваат и засилување на центарската позиција во пресрет на дво мечот по кој подобриот ќе се најде во групната фаза од ова натпреварување.