Поранешниот тренер на скопските “соколи“ Огнен  Дедиќ ќе биде новиот шеф на струката во охридскиот Амак СП. “Езерџиите“  во пет до дванаесет составија  екипа која наредната сезона ќе се натпреварува во најсилната домашна конкуренција.

На неколку часа пред затворањето на летниот преоден рок АМАК-СП донесе пријавна листа во МКФ. Како што пишува дневниот спортски весник “Македонски Спорт“ на списокот во најголем дел фигурираат имињата на неколку кошаркари кои до вчера го носеа дресот на екипата на К. Соколи 2000.

Нови кошаркари на актуелниот бранител на Купот, покрај “староседелците” Иван Саздов, Зоран Стојанов, Никола Кузески, и Умер Џихан, станаа: Владимир Георгиевски, Едис Нури (втората полусезона играше во МЗТ Скопје),  Бојан Апостолов, младиот кошаркар од Вардар Осигурување, Дарко Димковски, како и повратниците во мак-баскетот, Драган Миленковиќ односно Александар Антиќ.

Охриѓани  допрва ќе треба да го ревидентираат  и договорот со ЈП “Билјани Извори“ , околу ползувањето на услугите на спортската сала. Првичниот договор кој Амак СП го имаше со локалната самоуправа заврши во мај 2009 година. Таквото продолжување на соработката нема да биде проблем, посебно ако се знае дека градоначалникот Петрески за освојувањето на купот го награди Амак со парична награда од 300 илјади денари. 

ohridnews