Охридската компанија АМАК СП во сопственост на Венко Шапкар понуди најмногу пари за купување на Радио Охрид, јавно радио-дифузно претпријатие, кое согласно владина одлука беше ставено на продажба. На отворањето на понудите во Министерството за економија , најмногу пари за купување на Радио Охрид понудила компанијата АМАК СП, 1.520.000 денари (околу 25.000 евра). Во понудата АМАК се обврзала да инвестира 16 милиони денари во рок од три години, да ги задржи сите вработени, дека ќе отвори три нови работни места и дека ќе го задржи и развива постоечкиот бренд.
Како што дознава ohridnews второ-рангирана била понудата на Христијан Шапкар (син на Венко Шапкар). Тој понудил 1.519.000 денари за купување и дополнителни 7 милиони денари инвестиција во Радио Охрид. Трето-рангирана била понудата на Весна Блажевска (973.000 денари), а најмалку понудила млекарницата „Лабрадор“ (900.000 денари). Комисија при Министерство за економија ги оценува пристигнатите понуди по што треба да се официјализира купопродажбата на Радио Охрид.
Радио Охрид е прв електронски медиум во Охрид, основан во 1957 година. Моментално има 9 вработени, што купувачот се обврза да ги задржи во работен однос.
Г. Момироски