Терените на спортскиот центар “Билјанини извори“ и салата во О.У.“Св. Климент Охридски“ се базите, на кои кошаркарите на охридскиот суперлигаш АМАК-СП, ги започнаа подготвките за новата натпреварувачка сезона.

Тактичкиот дел го работи тренерот Игор Гацов, кој со многу успех го водеше тимот во вториот дел од ланската сезона, додека за физичката подготвеност е задолжен новоангажираниот кондиционен тренер Мики Шајноски.


започнаа подготовките на АМАК

По завршувањето на овој дел екипата, формата ќе ја темпира со контролни средби, со екипи од Македонија но и соседна Србија.Тренерот Гацов вели дека дест контролни натпревари АМАК-СП ќе одигра со домашни екипи, а пет со тимови од Белград и Нови Сад.Тој најавува дека постои можност, доколку се најде заеднички јазик со локалната,присуството на Работнички и Вардар, кои во септември ќе се подготвуваат во Охрид и Струга, да се искористи за организација на кошаркарски турнир.

Преку ваквите натпревари, тимот ќе ја добие својата хомогеност, а новите кошаркари полесно ќе се вклопат во замислите на Гацов.До стартот на сезоната тимот би требало да се засили на центарската позиција и на позицијата ниско крило, на која лани играше Славиша Богавац.


Тренерот на АМАК – Гацов

Претстојното кошаркарско првенство, според новото позиционирање на силите, навестува неизвесност и многу борба на секој натпревар. Струмица и Фени ги засилија своите редови, главни конкуренти ќе им бидат  Работнички со тренерот повратник Марин Докузоски, Вардар и Пелистер, а АМАК-СП  си има свои сметки за долгата сезона.

“Се навестува дека ова првенство ќе биде најинтересното во историјата на МАК баскетот, добро е што никнаа нови центри, моите играчи со помош на охридската публика ќе бидат тврд орев за сите кои ќе гостуваат во Охрид“ , вели Игор Гацов.

Новото кошаркарско првенство започнува на 6 октомври. Според пропозициите ќе се игра четворокружно, секој со секого по два пати, по што најдобрата четворка ќе разигрува за шампионската титула која лани за прв пат ја освои екипата на Струмица. 

Ненад Цветанов