Охриѓани се тие кои треба да жалат по поразот. Избраниците на Лазовски испуштија предност од 21 поен стекната по првиот период, па на крајот се доведоа во ситуација да ја бркаат минималната предност на гостите. Имаа “езерџиите“ напад за победа но Совкоски не успеа да погоди за радост на домашната публика.
Почеток од соништата имаа кошаркарите на АМАК кои по првиот период имаа водство 33-17. Малку по малку во вториот и третиот период “штрковите“ ја топеа предноста на охриѓани, и по три периоди игра беше 71-66. Егал се играше во последниот период, а по серијата тројки на Радуловиќ скопјани првата предност ја имаа во 37 минута 82-84. Со тројката на Траиловиќ, гостите отидоа на 82-87. Серијата 6-0 го врати Амак во водство 88-87, но мирната рака на поранешниот играч на Амак СП, Дарко Соколов ги врати гостите во водство 89-88.
“Белите“ имаа напад за победа но Совкоски прво беше изблокиран од Деспотовиќ, а во вториот обид топката поигра на обрачот но не влезе, што значеше радост за “сините“.
Радуловиќ со 21 поен го предводеше квартетот играчи кај МЗТ со двоцифрен број на поени. Со ист број на поени -21, мечот го заврши и Војдан Стојаноски.
Втора година по ред МЗТ Скопје се покажува како непремостлива пречка за Амак СП. “Штрковите “ во полуфиналето ќе играат со бранителот на титулата Фени Индустри.
Недостатокот на поените и играта на американецот Фрај се еден од клучните моменти во елиминацијата на Амак СП, што деновиве ќе биде тема на разговор и анализа во клубот.