По ракометот охриѓани остануваат и без машката прволигашка кошарка. Минатогодишниот освојувач на Купот, Амак СП, кој на ден пред завршувањето на преодниот рок се фузираше со Соколи, натпреварите како домаќин ќе ги игра во Скопје. Во вода паднаа најавите дека тимот кој се пресели во Скопје само ќе тренира таму, а натпреварите ќе ги игра во Охрид во салата „Билјанини извори“.


Се’ уште немаме никаков договор со Амак СП, ниту пак некој дошол да разговараме – вели директорот на ЈП „Билјанини извори“, Илче Каневче.
КК Амак СП имаше договор за користење на спортската сала до мај 2009 година, а по освојувањето на купот „локалната“ го награди со 300 илјади денари. Натпреварот од второто коло против Работнички, од клубот одлучиле да го играат в недела во салата на МЗТ Скопје во Аеродром. Во слична ситуација клубот се наоѓаше и пред три сезони кога се натпреваруваше во Втората лига. И тогаш клубот комплетно беше преселен во главниот град, каде што тренираше и ги играше своите средби.

М.П.