Ждрепката за 1/4 финалните групи во Купот на Македонија на мегдан ги одведе екипите на Еурофарм Работник и Охрид. Нивниот дуел во полуфиналето од турнирот во Битола ќе биде финале, бидејќи победникот од овој дуел силите ќе ги одмери со подобриот од средбата помеѓу Вардар Јуниор и Астраион.
- Ростерот на екипата и е составен од квалитетни и пред се искусни ракометари. Што значи дека во никој случај не смееме да го потцениме Охрид. Помеѓу нас нема скриени адути и добро се познаваме имаме одиграно две суперлигашки и две тест средби. Во тој период имаме згуснат распоред, но наша цел е пласман на завршниот турнир. – изјави тренерот на „фармацевтите“, Стефче Алушовски.
Ракометарите на Еурофарм Работник, чекорат по зацртаните цели во плејофот од Супер лигата. Во првата рунда славеа на гостувањето кај Металург, а во втората го совладаа Пелистер во градското дерби.
- За она што се подготвуваме и го најавуваме на почетокот од плејофот го остваривме. Не се залажуваме дека е завршена работата и дека ние сме веќе второпласирани. Има уште осум натпревари во кои треба да покажеме дека го заслужуваме второто место. – додаде Алушовски.
Четвртфиналната група во Купот на Македонија ќе се игра во Битола на 20 и 21 април.
OhridNews