Ракометарите на Вардар, в четврток, на домашно тло во „Јане Сандански“ ќе го пречекаат унгарскиот ракометен гигант Веспрем, во првиот дуел од 1/8 финалето во Лигата на Шампиони. „Вардарци“ напорно тренираат и се подготвуваат за пресметката со унгарците, со кои често се среќаваат во ЛШ или пак, регионалната СЕХА лига.
Имаме уште два тренинзи да одработиме до почетокот на мечот, ги анализираме, Веспрем е екипа која оваа година играше Ф4 и е фаворит во двомечот со нас, но тоа не значи дека сме без шанси и дека лесно ќе се предадеме. Во финалето на СЕХА игравме веќе еднаш, таму останавме должни на нашите симпатизери за она што значи добар натпревар. Го загубивме тој меч во 40. минута. Мислам дека овој Вардар во овој момент е многу поквалитетен и повоигран од она што игравме на тој натпревар во септември. Ќе го дадеме својот максимум, ако тоа е доволно, ќе се радуваме, а се надевам дека ќе биде доволно за такво нешто. Секако дека пред празни трибини не значи ништо дали играме први дома или на гости. Теренот е секаде ист, ниту е предност ниту маана што играме прв натпревар дома, – изјави тренерот на Вардар, Стефче Алушовски.
Тренерот на „црвено црните“ задоволен е од формата на ракометарите, кои во претходните мечеви обезбедија пласман во завршницата од Купот на Македонија, го совладаа Мотор Запорожје во СЕХА лигата и Еурофарм Пелистер во македонскиот шампионат.
OhridNews