Составот на Вардар немаше успешен старт на новата сезона во Лигата на Шампиони. „Црвено црните“ во драматичен финиш претрпеа пораз 24-22 од Мешков Брест во Белорусија. „Вардарци“ имаа подеми и падови во текот на играта. На крајот од мечот прокоцкаа шанса да се одлепат не реализирајќи напад на 22-21, а во последниот напад да израмнат и да избегнат пораз.
Стефче Алушовски (Вардар) – Кога ќе се изгуби натпреварот во финишот е многу тешко да се зборува. Нашиот противник имаше повеќе среќа во финишот, а ние направивме неколку грешки кои се покажаа кобни. Не можам да им замерам на ракометарите за желбата и за борбеноста. Мораме уште многу да работиме за да бидеме на потребното ниво и треба да се насочиме кон следниот предизвик.
Тимур Дибиров (Вардар) – Жалиме за поразот. Изгубивме во завршните минути. Се гледа дека има уште простор за напредок во нашата игра. Мораме да го заборавиме поразот од Мешков Брест, да се фокусираме на тренинзите бидејќи само така ќе можеме да направиме добар резултат.
Раул Алонсо (Мешков Брест) – Натпреварите со Вардар секогаш се тешки затоа што тие секогаш „гинат“ до крај. Среќен сум како победивме, игравме можеби во понизок ритам, имавме грешки и ја немавме контролата, но, наша цел беше да го победиме Вардар, без разлика на кој начин ќе го направиме тоа. Честитки за играчите, се надминавме со борбата во хаотичниот финиш каде можеби бевме и посреќни. Ние ја развиваме играта на нашиот тим, можеби на овој дуел не игравме на највисоко ниво, ама многу ми е важно дека победивме.
Вардар во втората рунда фазата по групи во ЛШ на домашен терен ќе го пречека норвешки Елверум. Натпреварот се игра на 24 септември во Скопје.
OhridNews