Ракометарите на Охрид се во Турда каде се подготвуваат за реванш натпреварот со романскиот претставник во Ехф купот. Екипата вечерва ќе го одработи последниот тренинг пред утрешниот меч, а тренерот Стевче Алушовски на располагање ги има сите играчи.

За среќа наша и на нашите љубители, екипата е здрава, сите се подготвени за натпреварот што претстои. Има мали проблеми со Горан Крстевски, нормално е тоа, имавме едно долго патување кое се одрази на играчите, но со двата тренинзи кои ќе ги одработиме тука, мислам дека екипата ќе биде подготвена за реваншот со Турда, изјави Алушовски за Охридњуз.

 

ГРК Охрид на реваншот отпатува со 6 гола предност од првиот натпревар одигран во Охрид. Алушовски смета дека екипата има и квалитет и искуство да одговори на предизвикот и се надева дека ние ќе се радуваме и по реваншот во Турда.

Јас кажав и претходно дека пред натпреварот со Турда 6 разлика да ни беше понудено ќе прифатевме со две раце. Не е мала предност. Меѓутоа ова се елиминациски натпревари. Подготвени сме. Мислам дека не можат да не изненадат тактички. Анализиравме и пред првиот и сега пред вториот натпревар, тоа што очекувам е многу поагресивна игра на играчите на Турда. Имаме доволно квалитет и искусни играчи кои можат да одговорат на овој предизвик и се надевам дека утре по натпреварот сите заедно ќе се радуваме, додаде Алушовски.

Реванш натпреварот од ЕХФ купот помеѓу Потаиса Турда и ГРК Охрид се игра утре вече во 17 часот по македонско време. Во првиот натпревар Охрид славаше 31:25.

Г.М.
Видео: А. Момироска