ГРК Охрид е една од најперспективните екипи во Македонија и ми претставува чест што ќе водам еден ваков амбициозен проект, вели новиот стратег на ГРК Охрид Стевче Алушовски. Под негово водство популарните „гладијатори“ вчера ги започнаа подготовките за новата сезона во која ГРК Охрид влегува со високи цели.
ГРК Охрид е клуб со добра организација кој се стреми да прерасне во сериозен конкурент против секого во македонското првенство и постојан учесник во европските купови, изјави Алушовски.
До 9 август екипата ќе биде во Охрид по што ќе следи контролен меч со Еурофарм Пелистер во Битола. На 10 август ГРК Охрид оди на базични подготовки во Маврово каде ќе остане до 18 август. Таму ќе одигра еден натпревар со Вардар. По враќањето во Охрид екипата ќе настапи на вториот меморијален турнир „Крсте Андоновски – Усташ“ што ќе се одржи од 23 до 26 август во организација на ГРК Охрид. До почетокот на првенството на 9 септември, не е исклучено екипата да одигра уште еден подготвителен натпревар.
Турнирот „Крсте Андоновски – Усташ“ ќе биде вистинска проверка на нашите можности кои сметам дека се големи. Имаме високи цели за оваа сезона, а тоа е пласман во Европа, но нормално е да се обидеме да направиме и нешто повеќе, рече Алушовски.
Првите неколку дена од подготовките ќе се работи повеќе на физичка подготвеност во комбинација со тактика, додека во август ќе се работи повеќе со топка, најави Алушовски. Стратегот на Охрид смета дека македонското првенство е исклучително квалитетно, но иако дел од екипите како Пелистер, Вардар, Алкалоид се далеку финансиски помоќни, убеден е дека ГРК Охрид ќе игра забележителна улога во Супер лигата.
Имаме условно полесна група во првиот дел од првенството и ќе се обидеме да сме најмалку втори и да пренесеме што е можно повеќе бодови во плеј-офот, а таму ќе се води мртва трка, додава Алушовски.
Г. Момироски
Фото: Бобан Стојаноски