Голем број стари куќи во руралните средини во охридско и струшко на македонска страна, односно во околината на Поградец и Корча во Албанија, се реновираат и адаптираат во сместувачки капацитети за алтернативени туризам.

Некогашниот културен и духовен центар Москополе во Албанија, денес општина Воскопоја која брои околу 500 жители, ја посетуваат и по неколку илјади туристи за време на викенди и празници, што мотивираше многумина да го напуштат градот и да отворат семен бизнис на село.

-Почнаа да се адаприраат постојните објекти во селата и денес имаме над дваесет сместувачки капацитети, а се градат и нови. Истовремено се развива органското производство на храна и сточарството и сето тоа е во функција на туризмот, а потврда дека сме на добар пат е растот на бројот на гости кои доаѓаат тука од година во година.-вели Али Маноку – сопственик на сместувачки капацитет во Воскопоја, Албанија.

На македонска страна алтернативниот туризам со години успешно се развива во Вевчани и околината на Охрид, што претставува одлична основа за креирање регионален туристички производ. Според туристичките работници, тоа ќе ја збогати понудата и конкурентноста на Охрид, бидејќи современиот туризам одамна не подразбира само хотелско сместување и плажа.

-Ова е одлична можност да се пополни десетдневниот престој во Охрид со неколку излети во околината, а некогаш и можеби и надвор од Македонија во регионот на Корча и Поградец, но исто така зошто не и гостите кои престојуваат во Поградец да не направат прошетка на нашата страна во региониот на Охрид, Струга, Вевчани и Дебарца.- вели Гонце Јаковлеска од Македонската развојна фондација за претпријатија.

Оваа фондација во партнерство со Локалната агенција за развој од Струга и партнер од Тирана, Албанија, реализираат проект за промоција на алтернативни форми на туризам во регионот на Охрид, Струга, Поградец и Корча, насловен „Кон алтернативниот туризам“. Проектот има за цел да го поттикне претприемачкиот дух кај локалнато население да започне сопствен бизнис во функција на туризмот.

-Она што сакаме да го постигнеме со проектот е луѓето да размислуваат за алтернативните форми на туризам како економска можност и можност за остварување на доплнителни, а можеби и основни приходи кои ќе им обезбедат егзистенција и коишто можеби синхронизирано со некои други активности ќе овозможи поголем дел од луѓето да остнат во регионот, да се занимваат со туризам, тука да основаат семејство и да придонесуваат за него. Од друга страна би сакале да го видиме регионот како можност за потенцијалните туристи не само од Македонија туку и надвор од неа, кои во овој регион нема да го препознаваат само Охридското Езеро туку и сите други можности кои тој ги нуди, а ги има многу.-додава Јаковлеска.

Таа посочува дека алтернативниот туризам е можност за привлекување на домашните туристи, кои според неа се потценети.

-Ние многу ги поотценуваме домашните туристи. Многу сме фокусирани на странците. Еден дел од формите на актернативен туризам се практикува за викенд, а на викенд доаѓаат домашните туристи. Младите генерации се повеќе се интересираат за велосипедизам, планинарство, за параглајдинг и мора да ги намамиме да бидат наши гости за викенд. Од Холандија за викенд туристи не можат да дојдат, но домашните може, ене каде е Вевчани, Куратица, Елшани, можат да дојдат и мислам дека треба да обрнеме внимание на домашните туристи и многу повеќе внатре во Македонија да циркулираат луѓето.-вели Јаковлеска.

За разлика од домашните, странските туристи организирано доаѓаат да уживаат во природните убавини на регионот.

-Секоја година има се повеќе туристи од странство, најмногу од Словенија и Германија, кои се заинтересирани за алтернативен туризам. Најмногу бараат прошетки по националните паркови и традиционална храна. Интерес, исто така, има и за параглајдинг, а во последните неколку години и за нуркањето, вели Сашо Апостолоски – туристички работник во „Венус травел“ Охрид.

Деновиве претставници на повеќе медиуми од Македонија и Албанија имаа можност да посетат повеќе атрактивни места во регионот на Охрид, Струга, Поградец и Корча каде се развиваат алтернативни форми на туризам.

Г. Момироски