Македонија има голем потенцијал за развој на алтернативниот туризам, но недоволно  и несоодветно го искористува, сметаат упатените во оваа проблематика.  Најпрофитните туристички агенции во Европа се токму оние кои се занимаат со овој вид на туризам, велат македонските алпинисти, кои посочуваат дека за разлика од светот, каде се повеќе се печали од планините, Македонија се уште нема донесено законска регулатива. Поради тоа  Македонската асоцијација на интернационални водачи во планина не може да стане полноправна членка на меѓународната асоцијација, укажуваат алпинистите. Тие потенцираат дека се повеќе  туристичките агенции во земјава се вртат кон алтернативниот туризам, но алпинистиките прошетки кои сега се изведуваат во Македонија се небезбедни.

-Ние немаме законско решение кој смее да води и на каков начин туристи на планина. Туристите треба  да бидат безбедни, односно да бидат заштитени, кај нас тоа не е случај.-вели алпинистот Антонио Додовски.

Странците се се поприсутни на нашите планини. Најбројни се израелците, според кои македонските планини имаат исклучителен потенцијал. Но, тој тешко ќе се валоризира со сегашната понуда предупредуваат домашните туристички работници. Според Арсениј Јанески од Т.А. „Компас“ алтернативниот туризам, мали хотели, понуда на домашна храна, влегување во селски дворови, е тоа што ги фасцинира странците, но покрај капацитетот, недостига логистика и соодветна организацијата.

– Во Македонија немате еден џип кој што можете да го рентате. Земаме бугарски џипови и со нив ги возиме туристите, вели Јанески.

Стручната јавност укажува дека без организирана понуда и соодветен закон, македонксите планини и натаму ќе останат неискористен потенцијал, од кој засега најмногу профитираат поединци.

Росица Голабоска