Во рамките на своите активности за подготвеност и дејствување при катастрофи, Црвен крст Охрид во соработка со новиот алпинистички клуб “АПЕКС“ од Охрид и Македонската Алпинистичка Асоцијација на 15 и 16 август ќе организираат повеќе активности со цел популаризација и афирмација на алпинизмот и планинското спасување во Охрид и Македонија.

Во сабота во периодот од 11-18 ч. ќе се одржи промоција на новиот тренинг локалитет за алпинизам и планинско спасување “Канео” (пред влезот во црквата „Св. Јован Канео”) уреден од членовите на Единицата за спасување на планина и непристапни терени при Црвен крст Охрид и членови на Алпинистичкиот клуб „АПЕКС“ од Охрид. Со асистенција на искусни алпинисти од Охрид и Македонија, сите заинтересирани ќе можат да искусат качување на природна карпа.

Во 19:00 ч.е закажано  официјалното отворање на тренинг локалитет за алпинизам и планинско спасување “Канео”.  Еден час подоцна во дворот на „Лапидариумот” ќе биде отворена изложба на фотографии од Алпи „АЛПИ 2008” од авторот Александар Дончев, професионален фотограф и алпинист од Струмица. На истата локација ќе се одржи и јавна трибина со наслов „МАКЕДОНСКИОТ АЛПИНИЗАМ 2009” на која присутните ќе можат да дознаат повеќе за алпинизмот од членови на раководството на Македонската Алпинистичка Асоцијација и видни алпинисти.

Во недела во 10 часот исто така во во дворот на Лапидариумот предвидена е целодневна поставка на изложбата „АЛПИ 2008”, по што ќе следи дружење и можност за качување на алпинистите од Охрид на новиот локалитет  “Канео”, соопшти Црвениот крст.

Ohridnews