Охридскиот академски музичар Ѓоко Алоски години наназад ја негува љубовта кон музиката низ звуците на трубата. Ја делел сцената со познати музички имиња од Македонија и надвор од неа. Охриѓани го паметат и како дел од прекрасната „Зимска бајка 2019″. Изминатиов период традиционалната музика од Охрид преку звуците на трубата одекнаа до Пиран и Трст.

Имено, на турнејата во рамки на која беа одржани четири концерти во Словенија и Италија, Алоски вели заедно со тимот музичари, меѓу кои и охридскиот музичар Наум Џуклески на хармоника, биле одлично прифатени од публиката. Турнејата се реализирала во рамки на проект на Здружението за култура и уметност „Артвивенди” од Охрид, а со поддршка од Општина Пиран во насока на зближување на двата града.

ON: Се вративте од туренејата во Словенија и Италија. Од Охрид настапувате двајца музичари заедно со музичари од Словенија. Каде беа одржани концертите и каква беше реакцијата на публиката?

Ѓоко Алоски: Познатиот словенечки тапанар Томи Пурич, неговиот состав Балкан џез и гостите Ева Бото (претставничка од Словенија на Евровизија 2012), Нежа Окорн, сите од Словенија, како и јас на труба и Наум Џуклески на хармоника и двајцата од Охрид, одржавме три концерти во три градови во Словенија и тоа во Љубљана, Пиран и Постојна, како и во италијанскиот град Трст. Големо беше воодушевувањето кога во публиката ќе забележев Македонци кои гласно пеат и силно аплаудираат. На мое големо задоволство, гостин на еден концерт беше поранешниот Амбасадор на Словенија во Македонија, Н.Е. Милан Јазбец.

ON: Со оглед дека на концерите беше застапена традиционалната музика, како македонската, така и словенечката, кои наши, македонски, композиции беа изведени?

Ѓоко Алоски: Носачот на звук е насловен „Пиран-Охрид“. Да потсетам, нашиот Охрид веќе 42 години е збратимен со словенечкиот град Пиран. Застапени беа традиционални словенечки композиции како и авторски композиции од Томи Пурич, но и македонски композиции (песни и ора) како Јовано, Јованке, Море сокол пие, Калеш бре Aнѓо, Пајдушко и Калајџиско оро. Калеш бре Анѓо, беше изведена заедно со хорот Св. Ѓорѓи од Пиран.

ON: Како дојде до идејата за реализација на оваа соработка со оглед дека станува збор за проект на Здружението за култура и уметност „Артвивенди” од Охрид со поддршка на Општина Пиран?

Ѓоко Алоски: Овој проект требаше да се реализира уште пред почетокот на корона кризата, бидејќи идејата се роди на еден фестивал на кој се промовираше словенечката култура и традиција, а се одржуваше во Охрид. Имено, после настапот на хорот Св. Ѓорѓи од Пиран, дојдовме на идеја со г-ѓа Милица Масло Безер, која е член на овој хор, да се направи нешто што ќе поврзе два града односно две држави. Короната го одложи реализирањето на тој проект до сега, кога и се одржа оваа турнеја. Овој проект е поддржан од Општина Пиран, а е во заедничка реализација со Здружението за култура и уметност “Артвивенди” од Охрид.

ON: Во текот на една недела имавме четири концерти. Беше ли напорно или кога нешто се работи со љубов заморот не познава граници. Со какви впечатоци се вративте од турнејата?

Ѓоко Алоски: Најпрво, Словенија е земја која што плени со совршена природа, зелени површини кои навистина ме освоија со убавина и пред се чистота. Задоволството понекогаш го занемарува заморот од настапите бидејќи за седум дена имавме четири концерти од кои три во Словенија, а еден во градот Трст во Италија. Од оваа турнеја имам само убави спомени, кои се надевам уште долго ќе ме држат во еуфорија. Особена чест и гордост чувствувам секогаш кога го претставувам мојот Охрид надвор од границите на Македонија.

ON: Со оглед дека бевте одлично прифатени од публиката која уживала во звуците на традионалната музика во нов ритам, планирате ли вакви концерти да одржите и низ Македонија?

Ѓоко Алоски: Дефинитивно ќе има концерти и низ Македонија. Доволен доказ е тоа што бевме одлично прифатени од публиката. Единствен заклучок е дека повеќето луѓе сакаат и преферираат ваков стил на музика, во кој старите односно традиционалните песни ги доживуваш во нов ритам. Засега не се одредени точни датуми.

Н.С.Ј.