Има ли јунак што ќе воведе ред во такси сообраќајот во Охрид. Разочарани граѓани, лути туристи, нервозни возачи. Охридските таксисти и оваа сезона, секоја чест на ретките исклучоци, навистина се потрудија да ја надополнат негативната слика за најголемиот туристички центар во земјата.

Унифицирањето на изгледот очигледно не помага многу па така таксист и ова лето е кој ќе стигне. Доволно е да е плаво бел, а може и само бел по автобуска цена. Тие се најмеката варијанта. Потврдата се “професионалците“ зад воланот на кои штотуку им се расипал таксиметарот па цената ја пресметуваат од рака, најчесто со секира. Сето тоа на штета на легалните такси компании кои имаат фискализирани возила и џи-пи-ес системи. Џабе е се кога сликата не ја креираат само професионалците, туку оние таксисти кои на летото гледаат како на шанса да заработат по принципот „сега му е мајката“.

Па така, охриѓани се најнепожелните клиенти. Доколку не се возите на подолга релација и тоа по можност кон плажите такси тешко ќе добиете. Околу пладне, а и потоа дел од компаниите ги исклучуваат телефоните па така не можете ни да нарачате такси. А ако ги добиете ладно ќе ве откачат дека нема ниту едно слободно возило во градот! Сите биле на плажите! Само не ни е јасно каде ги возат клиентите од плажа?

Охриѓани и добро поминуваат во споредба со туристите:

„Ве молам посветете малку внимание на охридските таксисти. Направете една истражувачка сторија за сите да видат како таксистите им ја дерат кожата на туристите. Во какво светло е претставен градот кога туристот кој влегува во такси е пречекан од дрзок и безобразен таксист кој што цената на превозот ја кажува уште пред да го вклучи таксиметарот, а многу често и одбива да ве вози ако релацијата не му одговара“, ни пишува Дарко М. Но тој не е единствен. Деновиве до нашата редакција пристигнуваат бројни реакции на односот на охридските таксисти.

Ќе рече некој па добро не се сите таксисти во Охрид такви и не е коректно да се ставаат во исти кош. Апсолутно се согласуваме со таквата констатација, но за жал впечатокот е таков затоа што чесните и професионалните возачи не се заштитени од нелојалната конкуренција и валканите играчи во овој бизнис и затоа што бројните одлуки на градскиот совет не се почитуваат, а надлежните замижуваат пред хаосот кој им се случува пред очи. Е затоа впечатокот за охридските таксисти за жал е генерален и затоа час поскоро од улиците треба да се тргнат “таксистите“ кои се резил и за професијата и за градот.

Ohridnews