Македонскиот шаховски шампион Алкалоид одигра нерешено (2:2) со првата селекција на Англија во дуелот од 6. коло на Светското сениорско екипно првенство што се одигрува во Струга.

Ова е втор нерешен резултат за Алкалоид по мечот со прворангираната екипа, селекцијата на САД, кој се играше во 3. коло.

Велемајсторот Звонко Станојоски со бели фигури на третата табла освои цел поен, на втората и на четвртата табла со црни фигури Влатко Богдановски и Роландо Кутиров ремизираа, додека Кирил Георгиев на првата табла со бели фигури загуби од најсилниот играч на турнирот, велемајсторот Мајкл Адамс.

Селекцијата на САД се зацврсти на првото место со победата над Исланд од 2,5 : 1,5 и сега има 11 бода, а во 7. коло ќе игра со Италија, која е второпласирана со 10 бода. Третопласираниот Исланд има 9 бода и во следното коло игра со Алкалоид, кој го дели четвртото место со 8 бода.

Од другите мечеви на турнирот треба да се одбележат нерешените резултати на македонската репрезентација на слепи и слабовидни шахисти, која одигра 2:2 со Финска во категоријата над 50 години, како и на македонската селекција на ветерани над 65 години, која одигра 2:2 со репрезентацијата на Холандија.

OhridNews

Фото: ШК Алкалоид