РК Алкалоид испиша уште една успешна страница во клупската историја. Во 1/4 финалето на ЕХФ Европскиот Куп, РК Алкалоид ја совлада и елиминираше романската екипа Баја Маре и се пласираше во полуфиналето на ова европско натпреварување во кое противник ќе му биде норвешкиот тим Рунар Сандефјорд.
Преполната „Автокоманда“ вечерва им оддаде почит на настраданите во трагедијата во Кочани, а потоа беше ветер во грбот на РК Алкалоид кој одлично го отвори натпреварот и поведе со 4-0 пред тренерот на гостите да побара тајм аут.
Добрата игра во одбраната му овозможи на сино-белиот тим да поведе и со 6-2 во 10 минута, а потоа и 7-2 во 11 минута.
Ракометарите на РК Алкалоид го контролираа натпреварот, водството беше зголемено, а Мартин Серафимов го донесе водството од шест гола разлика. Во овој период од мечот, Романците се обидуваа со 7 на 6 што го искористи голманот Иван Галевски со два гола по ред на празна мрежа, а Алкалоид ја задржа разликата.
Одбраната вршеше голема работа, па Алкалоид стигна и со 17:10 со голот на Мартин Ивановски од контранапад. На полувреме беше 18-12 за Алкалоид.
Гол за гол се играше на стартот на вториот дел, а Алкалоид контролираше шест до седум гола разлика. Одбраната функционираше, па во 35 минута за прв пат поведе и со плус осум гола (23-15).
Во 38 минута по подолга пауза се врати Никола Костески на терен. Тој влезе за да изведе пенал и погоди за водство 24-16.
Времето работеше во полза на РК Алкалоид, во 53 минута резултатот беше 29-22, а притисокот порасна кај гостите кои беа принудени да играат побрзо и повеќе да ризикуваат.
Ѓоргиев погоди за 30-22 во 55 минута со што ја запечати оваа средба, па за гостите не остана многу што во последните пет минути. Конечно, РК Алкалоид победи 32-25 и се пласираше во посакуваното полуфинале.
Статистика:
АЛКАЛОИД – РК БАЈА МАРЕ 32-25 (18-12)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Мадс Фремстад и Јорген Јорстад од Норвешка. Делегат: Бранка Мариќ од Србија.
РК АЛКАЛОИД: Кизиќ, Галевски 2 (9 одб), Џонов, Петров, Маркоски, Костески 1, Младеновиќ 1, Серафимов 3, Стојковиќ 5, Ѓоргиев 4, Велковски 1, Ивановски 2, Бинго, Франциско 4, Петковски 7, Савревски
Седмерци: 4/5 Исклучувања: 10 мин.
РК БАЈА МАРЕ: Ал Кафаги, Тереков, Наѓ 1, Чис, Ботеа, Раколта 1, Кумпаничи 8, Далин 3, Котрц 1, Синку, Козакевич 4, Бурзак 1, А. Поп 1, Е. Поп, Да Силва 4, Фотаче 1
Седмерци: 2/3 Исклучувања: 10 мин.
Извор: РК Алкалоид