ГРК Охрид загуби од лидерот на табелата Алкалоид 22:29 (14:16) во дерби натпреварот од 11 коло од ракометната Супер лига, што се одигра вечерва во прекрасен амбиент во исполнетата сала „Билјанини извори“ во Охрид.
Двете екипи мечот го почнаа со многу грешки. Како течеше натпреварот, така битката на теренот се разгоруваше. Капитенот Тасески беше одличен во нападот, а на спротивната страна исклучително расположени беа Серафимов и Митев кои на Алкалоид му обезбедија предност од два гола на полувремето 14:16.
Во вториот дел Охрид бодрен од своите навивачи тргна силно и имаше неколку напади за израмнување кои не ги искористи. Гостинскиот голман Галевски во тие моменти беше извонреден на својот гол што на Алкалоид му овозможи повторно да се одлепи и веќе на средина на втрориот дел противникот имаше висока предност која не ја испушти до крај. Охрид промашуваше од игра но и пенали, а одбраната и голманите тешко се справуваа со нападите на Алкалкоид кои, на моменти беа исклучително долги, а таквата игра беше толерирана.
Тасески, Пешиќ и Цирар постигнаа по 4 гола кај Охрид, додека кај победникот Серафимов мечот го заврши со 12 гола.
Статистика ГРК Охрид: Чаневски, Ојлески 1, Мацуока, Јукиќ 2, Шипинкоски, Тасески 4, Сафранко 2, Јотиќ 1, Куковски, Крстевски, Пешиќ 4, Кукуловски 1, Орјоникидзе 2, Бојаниќ 1, Цирар 4, Ѓорѓески.
Натпреварот го одбележа одличната атмосфера што ја создаде навивачката група „Рибари“ која одбележува 35 години постоење. Токму „Рибари“ беа најдоброто нешто вечерва во салата „Билјанини извори“.
Алкалоид со триумфот во Охрид се зацврсти на првото место на табелата, а за Охрид ова е трета загубена дерби средба сезонава.
Г.М.
Фото: А. Момироска