Нови современи лабораториски анализи достапни во ЈЗУ Општа болица Охрид. Како што информираат од Болницата биохемиската лабораторија е опремена со современи и целосно автоматизирани лабораториски апарати од производителот Сименс, кои овозможуваат скрининг, рана дијагноза и следење на третман на голем број заболувања.

Современа алергодијагностика достапна е во нашата лабораторија со сите предности на тестовите и изборот на тестови за причинители на алергии. Се работи за високосензитивни алерготестови кои се прават со едноставно земање крв и даваат одговор за голем број можни причинители на алергиски реакции. Оваа најнова генерација на алерготестови може да се прави и кај возрасни и кај деца, без прекин на терапијата и дава одговор за степенот на сензибилизација на пациентот на одреден алерген, посочуваат од Болницата.

Едно од позначајните достигнувања, посочуваат, е што отсега е достапен неинвазивен биохемиски скрининг Приска, за трудници рано во бременоста.

Имено, овој тип на скрининг се препорачува да се направи за секоја трудница – и истиот дава одговор за тоа дали постои ризик за некои од најчестите хромозомски нарушувања кај бебето. За да го направат овој скрининг на товар на ФЗОМ, пациентките од Охрид и околината нема да има потреба да патуваат и да се изложуваат на дополнителнно трошење време и средства, и отсега оваа услуга ќе можат да ја направат во нашата лабораторија, додаваат од ЈЗУ Општа болица Охрид.

OhridNews