Дербито на Италија во финалето од Супер купот му припадна на Интер. Актуелниот шампион на Сериа А, во драматичен меч со гол во 120-та минута го совлада освојувачот на купот Јувентус 2:1 (1:1; 1:1).

Течеа последните секунди од продолжението на мечот кој во регуларниот дел заврши 1:1. Бонучи се подготвуваше да влезе во игра за изведување пенал. Тренерите Алегри и Инзаги ги подготвуваа списоците на останатите изведувачи, кога Алекс Сандро направи катастрофлна грешка во шеснаесетникот на Јувентус, Матео Дармиан го проигра Алексис Санчес кој го совлада одличниот Перин за експлозија на „Џузепе Меаца“ во Милано.

Десеткуваниот Јувентус на кој ова му беше трет дерби натпревар во една седмица, тактички оддолеваше на надмоќниот Интер кој го имаше поседот и притискаше во поголемиот дел од мечот. Но Старата дама беше опасна во транзиција. Од една таква ситуација во 25 минута Американецот Мекин го доведе Јувентус во водство. Десет минути подоцна Џеко беше соборен во шеснаесетникот на Јувентус, а пеналот во израмнување го претвори Лаутаро Мартинез.

По динамичното прво полувреме во вториот дел од второто полувреме темпото падна, а двата тима повеќе внимаваа да не примат, отколку да дадат гол. Дефанзивната тактика на Јувентус речиси успеа, но кобни беа завршните секунди од мечот во кои Алекс Сандро му ја подари победата на упорниот Интер кој доминираше на теренот во текот на целиот натпревар.

За нероазурите ова е 6 трофеј во Супер Купот. Јувентус останува најтрофеен тим со 9 титули, две повеќе од Милан.

Г.М.