По преземањето на водоснабдителниот систем во Долно Лакочереј каде поради долг од околу 3 милиони денари беше исклучена електричната енергија од страна на ЕВН, со помош на локалната самоуправа, долгот се исплаќа врз основ на спогодба, вели директорот на МЈП Проаква – Водовод Охрид, Владимир Алексиески.

  • Ние водоводот го презедовме во февруари во хаотична состојба, со проблеми и со неисправна вода која 8 години беше користена од жителите. Со нашите активности во рок од еден месец водата за пиење од водоснабдителниот систем во Долно Лакочереј е исправна за пиење. Две недели во Долно Лакочереј имаше периоди кога немаше вода, што е резултат на наводнување на зелени површини со вода за пиење и преголемиот број на диви приклучоци. Претходните претставници од месната заедница кои претседаваа, зеле 3 милиони денари од жителите, пари кои не се уплатени во ЕВН и затоа ЕВН извршила исклучување на електричната енергија, вели Алексиески. Тој додава дека за овој случај веќе е почната постапка и е поднесена пријава, како што додава, кон непознат сторител, а од понеделник дивите приклучоци ќе се отстрануваат и ќе се преземаат санкции.

Бројните обинувања од страна на ВМРО ДПМНЕ за недомаќинско работење на претпријатието, Алексиески категорично ги отфрла, потенцирајќи дека за разлика од претходниот период кога претпријатието должело милијарда и 300 милиони денари, а во охридскиот водовод не биле исплатени 4 плати, во струшкиот 10, во колектор 9 плати, без платено здравствено осигурување, сега состојбата е сосема поразлична.

  • Сега, од 1-ви до 5-ти исплаќаме плата за тековниот месец. За една година МЈП Проаква заврши за прв пат по 17 години, со 21 милион денари добивка и е платен данок на добивка, вели директорот Алексиески.

Укажува дека по преземањето на раководењето со претпријатието утврдени биле низа неправилности во книговодствената евиденција.

  • Низа предмети ги нема во сметководствените евиденции. Кога почнавме рентабилно да работиме, доста од добавувачите кои имаат валидни судски правосилни пресуди, дојдоа да склучат спогодби во кои се откажуваат од каматите во дел или во целост, а тие судски пресуди никаде не се евидентирани во нашата книговодствена евиденција. Тоа е кривично дело и затоа јас во неколку наврати побарав институциите да покренат соодветна постапка за ваквото кривично работење, вели првиот човек на МЈП Проаква Водовод Охрид.

Алексиески откри и дека претходно, на име на работници испратени како технолошки вишок на кои не им била исплатена отпремнина, на МЈП Проаква и биле одземени два локали во центарот на градот, но и покрај тоа долгот во целост не бил исплатен. Остатокот го исплатило сегашното раководство на претпријатието.

Т.К.