Високиот триумф (3-0) на Вардар во Струмица против Беласица беше последен натпревар за Александар Васоски на клупата од „црвено црните“. Поранешниот македонски репрезентативец најави заминување, а за крај упати апел за спас на клубот.

Почитувани спортски пријатели, навивачи на Вардар, почитувана спортска јавност. Сакам во името на стручниот штаб да ви се заблагодарам за поддршката која му ја дававте на Вардар во овој тежок период за клубот. Почитувани вардарови фудбалери, вашите имиња треба да се впишат со златни букви во историјата на овој клуб, затоа што не дозволивте клубот да доживее црно сценарио. Што се однесува до мене, јас ветив дека до декември ќе останам, но немам веќе сили да се борам. Затоа од денеска официјално не сум тренер на Вардар. Благодарност до „Комитите“ и сите поддржувачи на Вардар и мој апел до надлежните да не се дозволи најсветото нешто во македонскиот фудбал да згасне. – рече Васоски.

Васоски со тимот на Вардар минатата сезона стигна до титулата, а, во неколку наврати со искрени изјави се обидуваше да го привлече вниманието и да му помогне на клубот. На Вардар го очекува турбулетна зима што се однесува на екипирање, бидејќи неколку играчи веќе се потенцијални засилувања на екипи од Првата лига.

OhridNews