Ракометниот клуб Струга ќе биде домаќин на втората епизода од „Езерското“ дерби со Охрид во регуларниот дел од Супер лигата. Победата и бодовите од првиот дуел сезонава им припадна на охридските ракометари, а стружани посакуваа победа и расчистување на сметките.
- Не можам да го заборавам амбиентот и пријатната спортска атмосфера од првиот натпревар. Најпрво сакам тоа да се повтори и цела Македонија повторно во позитивен контекст да зборува за дербито. Што се однесува до мечот силно посакуваме победа, бидејќи градот, стружани и навивачите ја заслужуваат. Сите не поддржуваат и никој не останува рамнодушен на нашата желба за докажување во Супер лигата. – изјави поранешниот голман на Охрид сега еден од адутите на Струга, Александар Стојановски.
Еден од новајлиите во струшката екипа е средниот бек Бодан Николиќ. Црногорскиот ракометар рече дека атмосферата во екипата е добра во пресрет на дербито кое ќе се одигра во СРЦ „Тими“. Тимот на Струга го доведе и Игор Трајковски, кој е играч на Пелистер, а порано настапуваше за Еурофарм Работник. Клубот го напуштија Петрески, Трпчевски и голманот Кизиќ.
- Атмосферата во екипата е многу добра. Тренираме со јак интензитет и максимално подготвени ќе го пречекаме големото дерби со Охрид. Во тимот сум подолго време прифатен сум одлично. Со поголем дел од играчите се знам од порано и немав проблеми за аклиматизација. Искуството е голем адут на Охрид, а наш ќе биде домашниот терен и поддршката од публиката. – изјави Николиќ.
Капитенот на Струга, Кристијан Мечкароски истакна дека со самото спомнување на дербито со Охрид се будат посебни емоции кај ракометарите, навивачите и публиката. Тој повика на фер и коректен меч и навивање на трибините.
- Со самото спомнување на „Езерското“ ракометно дерби со будат посебни емоции помеѓу нас ракометарите, кај навивачките групи и публиката. Мотивите за победа се големи, без разлика каде, кога и во кој ранг се игра дербито. Пресметката во првата полусезона ја загубивме иако голем дел од мечот го контролиравме резултатот.Сакаме да се реваншираме, да славиме и да ги израдуваме нашите навивачи кои не пратат секогаш и секаде. Во зимскиот преоден рок се засиливме со искусни ракометари кои најмногу ќе треба да помогнат во одбраната. – капитенот Кристијан Мечкароски.
Охрид мечевите во Супер лигата ќе ги продолжи од втората позиција, додека Струга од шестото место со речиси обезбеден опстанок во македонската ракометна елита.
OhridNews
Славчо Каланоски: Тежината на резултатот, навивачите и публиката го прават „Езерското“ дерби посебно