Со одлука на Управниот одбор на Н.У. „Охридско лето“ на седницата одржана денеска, за селектор на драмскиот дел од програмата е именуван Александар Поповски, еден од нашите најуспешни театарски и филмски режисери. За селектор на музичкиот дел од програмата именуван проф м-р Васо Ристов од Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“- Скопје, информира Националната установа „Охридско лето“.
Се работи за двајца истакнати уметници и културни работници, добро познати на домашната и меѓународната театарска и музичка јавност, кои зад себе имаат богата меѓународна професионална кариера. Фестивалот „Охридско лето“ очекува од новоименуваните селектори да ги вложат своите капацитети максимално и да бидат активни креатори на уметничката програма на годинешново фестивалско издание, во духот на богатата меѓународна традиција, реноме и значење на „Охридско лето“, соопшти националната установа.
Претходно, со согласност од Управниот одбор, „Охридско лето“ го раскина договорот за соработка со музичкиот селектор Ѓорѓи Цуцковски, поради, како што истакнаа од установата, неисполнување на обврските дадени во договорот.
OhridNews