Актуелниот градоначалник на Охрид, Александар Петрески, ќе се бори за уште еден мандат на следните локални избори како кандидат на СДСМ. Одлуката по синоќешните завршни консултации во централата на партијата во Скопје вечерва ја потврдија извори од партијата.

„Да, партијата одлучи јас да бидам единствен кандидат за градоначалник на претстојните локални избори во Охрид“, изјави за Ohridnews, Александар Петрески. Како што е познато, покрај актуелниот градоначалник во потесен избор за кандидат од редовите на опозиционата СДСМ уште беа и претседавачот на градскиот совет, Владо Чингоски, директорот на МЈП „Проаква“, Бранко Трпчески и пратеникот Томе Чингоски.

Официјално одлуката за кандидатот за градоначалник и листата на советници, СДСМ ќе ја соопшти на 23 декември за кога е закажана партиската конвенција.

Деновиве  неделникот „Форум“ објави анкета за рејтингот на партиите и шансите за освојување на градоначалничките места и Советите во повеќе македонски градови, според која актуелниот градоначалник на Охрид, Александар Петрески ја ужива поддршката за втор мандат на 41 насто од испитаниците, 37% од испитаниците биле неопределени, а 22% не ја дале подршката за Петрески.

-Ова за мене е признание од сограѓаните дека добро работиме, а од друга страна  е најдобра потврда за тоа зошто треба да продолжам понатаму и да ги завршиме комплетно проектите кои се започнати сега ама природно бараат подолго време за реализација од она што значи еден мандат со нецели 3 години ефективна работа. Ова, на крајот на краиштата е подобро и од самата партиска номинација бидејќи мене ми ја даваат довербата за уште еден мандат граѓаните, а не само тесни партиски органи – е оценката на актуелниот градоначалник на Охрид за анкетата на неделникот „Форум“.

Ohridnews