Поранешниот градоначалник на Охрид Александар Петрески не бил мета на нападот кој вчера се случи во канцеларија на градежна фирма во близина на градскиот пазар во Охрид, како што се шпекулираше во јавноста. Тој само бил инволвиран во инцидентот и успел да спречил поголема трагедија бидејќи го оневозможил напаѓачот да го употреби огненото оружје во расправијата која настанала помеѓу него и сопственикот на градежната фирма, во врска со купопродажба на атрактивен угостителски објект во центарот на градот.
Ова објаснување го даде Петрески во телефонски разговор за OhridNews.
-Откако сопственикот на фирмата, кој воедно е сопственик и на угостителскиот објект за кој тој водеше разговор со друго заинтересирано лице, ги соопшти условите под кои е подготвен истиот да го продаде, потенцијалниот купувач, кој инаку претходно го поседувал па го продал тој објект, наеднаш ја крена вазната која беше на стаклената маса пред него и се обиде да ја фрли кон соговорникот, во што беше спречен од моја страна. Потоа тој се обиде да извади пиштол, но успеав да го спречам во неговите намери, во што помогна уште едно лице кое во меѓувреме влезе во канцеларијата. Беше повикана полиција, а напаѓачот се даде во бегство, објаснува Петрески.
Тој вели дека ваква изјава ја дал и пред истражните полициски органи и дека овие случувањата биле потврдени од сите сведоци кои биле присутни во просториите на градежната компанија и не му е јасно зошто во јавноста биле пласирани неточни детали од полициската истрага.
Од СВР Охрид се уште немаат соопштено официјална информација за овој инцидент иако веднаш беше спроведена истрага во присуство на јавен обвинител. И покрај најавите, локалната полицијата денеска не лиферуваше соопштение, а нема ниту официјална изјава за случајот. Дали се работи за одложување наводно поради потреба од дополнителна истрага на барање на јавното обвинителство или за интерни причини внатре во СВР Охрид, останува отворено прашање, на кое јавноста чека одговор, дотолку повеќе што одредени медиуми повикуваќи се на официјални извори од истрагата вчера изнесоа неточни детали за случајот.
Во меѓувреме попладневно во рамки на дневиот билтен на МВР објавена е официјална информација за настанот.
-На 03.10.2015 година во 13:45 часот во Охрид на бул.„Туристичка“, во канцеларија на Агенција за недвижности сопственост на Ќ.М.(55) од сeло Биџево,Струга, каде бил присутен П.А.(52) од Охрид ул.„К.Шапкарев“ бр.4, влегол С.О.(52) од Охрид, кој започнал расправија со Ќ.М. поради нерасчистени имотно-правни односи. Во еден момент С.О. извадил пиштол „ЦЗ“, кој го поседувал со дозвола, и почнал да им се заканува. Тогаш А.П. со лицето С.Ѓ.(38) село Велгошти-Охрид, му го одзеле пиштолот, по што го напуштил лице местото. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето, пишува во соопштението на МВР.
OhridNews