Тие што сега толку многу се залагаат за Европа беа главни кочничари на реформите и го опструираа досенувањето на 150 европски закони во Парламентот, што беше една од основните причини да се спроведат предвремени избори за да се конституира ефикасно Собрание  кое во најбрз рок ќе ги донесе потребните закони. Ова денеска го истакна кандидатот за пратеник од коалицијата „За подобра Македонија„ Александар Николоски на средба со новинарите во Центарот за комуникации на ВМРО ДПМНЕ во Охрид.

„Доколку добиеме 61 пратеник во Собранието ќе пристапиме кон промена на статутот за работа и ќе ги ограничиме дискусиите на  пратениците од 10, а на координаторите од 15 минути со што ќе ја зголемиме ефикасноста на Парламентот“ рече Николоски. Тој најави  дека пратениците од коалицијата „За подобра Македонија“ ова лето нема да одат на одмор за да ги донесат 150-те закони од европската агенда.

Николоски на средбата со новинарите говореше и за инеграциите на Македонија во НАТО, при што истакна дека земјата ги исполни сите критериуми за членство во алијансата што било потврдено од сите членки, вклучително и од Грција. Единствена причина поради која не добивме покана за НАТО е ирационалниот спор за името наметнат од Грција, рече Николоски. „Ние сакаме  да влеземе во НАТО но не по цена на нашиот национален идентитет поради што во нашата програма јасно посочуваме дека ВМРО ДПМНЕ нема да прифати никаква промена на Уставот ниту ќе прифати идеи или предлози кии ќе го нарушат македонскиот идентитет, македонската нација и македоснкиот јазик“, рече Николоски. Тој додаде дека „ВМРО ДПМНЕ нема да прифати каков и да било комромис за спорот кој го наметна Грција, да биде прифатен од поединци или политичари, „без предходно граѓаните да се изјаснат за тоа прашање на референдум“. Коалицијата „Сонце“ најави дека доколку победи ќе ја внесела Македонија за 6 месеци во НАТО, но работата која не ја кажуваат е дека последниот предлог на Грција за компромис е „Република Скопје (Македонија). Ако е тоа прифатлив компромис за СДСМ треба јасно да ни кажат, рече Николоски.