Пливачот со најголем успех во историјата на македонското пливање, поранешниот младински светски првак, охриѓанецот Александар Маленко, ќе започне интернационална тренерска кариера. Тој ќе биде тренер на новоформираниот Спортски кардио пливачки клуб, кој е регистриран неодамна во Виена, Австрија, во кој ќе настапува големата македонска пливачка надеж Тамара Трajковски.
-Идејата професионално да започнам да се занимавам со тренерската професија тлееше неколку години, меѓутоа недостигаше иницијална каписла. Ова лето имав можност, благодарение на OhridNews кој ја пренесе веста за младата македонска пливачка надеж Тамара Трајковски, која живее во Виена Австрија, да работам со неа на отворениот базен на СРЦ „Билјанини Извори“. Со нејзиното семејство поразговаравме за нејзините потенцијали. Таа е на точна возраст од 14,5 години за да се зафати со професионално тренирање. Целиот тој концепт, заедно со добивањето на меѓународната тренерска лиценца од ФИНА, ме одведе во Виена каде ќе бидам тренер на Тамара, исто така и на нејзината сестра Теодора, како и на уште пет други пливачи.-рече Маленко.
Покрај професионален тренер во рамки на клубот 365 дена ќе работи и лекар кардиолог. Пливачите веќе тренираат по програмата на Маленко, кој заминува за Виена на 29-ти септември. Првиот натпревар во рамки на првенството на Австрија клубот ќе го има на 12 и 13 октомври, потоа следи интернационален митинг во Виена во декември.
-Програма е изготвена идивидуално за секој пливач. Очекуваме добри резултати од Тамара пред се, која се надеваме дека веќе во февруари следната година ќе блесне и ќе постигне резултати со кои во 2015 ќе ја сврстат во самиот врв на австриското пливање во нејзината генерација. Целта е учество светското првенство во 2017 година, на европското наредната година и како врв треба да дојде олимпијадата во 2020 година.-вели Маленко.
Тој смета дека Македонката Тамара има потенцијал да го оствари сето тоа со добра тренинг програма и добрите услови за работа кои во пливањето значат многу. Токму недостигот на соодветна инфраструктура, затворен базен, се повод Маленко професионалната тренерска кариера да ја започне надвор од Охрид.
-Јас имам изјавено уште во 2005 година, дека го чекам и молам да го доживеам денот кога ќе имаме подобар пливач од Александар Маленко. Ако не биде роден охриѓанец нема да се створи подобар пливач од мене. Јас секогаш ќе давам поддршка Охрид да добие затворен базен. Јас сум роден тука, но тренирав надвор во Скопје и надвор од Македонија. Подготвен сум да работам да создадеме подобри пливачи од Александар Маленко, но за тоа неопходен ни е затворен пливачки базен. –истакна Маленко.
Тој смета дека пливачките школи од неколку недели на отворен базен не можат да бидат алтернатива за создавање врвни пливачи и дека целата енергија треба да се насочи кон изградба на затворен базен.
-Тој проект не чини повеќе од околу еден милион евра со целата пропратна инфраструктура. Време е Охрид да го добие тој капитален спортски објект, затоа што токму времето не гази. Охрид изгуби веќе 22 генерации поради немање затворен пливачки базен, а го нема ни Струга.-подвлече Маленко.
Во разговорот за OhridNews, Александар Маленко се осврна и на Охридскиот пливачки маратон, потенцирајќи дека мора да се врати сјaјот на најстарата и најреномирана спортска манифестација во земјата.
-За Маратонот се снимани емисии и се емитувани рерпортажи на светските медиуми. Но маратонот последните години некако бледнее и го губи квалитетот во споредба со сличните манифестации во Европа и Светот. Маратонот се одржува под покровителство на институцијата Претседател на Република Македонија, но проблем е што ние во Македонија го немаме дефинирано маратонот како посебен олимписки спорт и како таков треба да го организира Федерација за маратонско пливање. Затоа имаме секоја година технички проблеми при организацијата и таа опаѓа во квалитет од година во година. Победникот од 25 можни сега добива 15 поени во светскиот куп за победа во Охрид, што значи самите сме ја обезвредниле манифестацијата. Затоа упатувам апел до сите институции да им дозволат на охриѓани да се врати организацијата на професионално ниво, колку побрзо го направиме тоа толку подобро ќе биде.-рече Маленко, додавајќи дека значително намалениот број на гледачи на маратонот кој некогаш знаел да привлече над 20.000, на само неколку илјади, доволно зборува за сегашниот квалитет на Охридскиот пливачки маратон и тоа треба да се промени.
Г.М.