Охридските фудбалери, в сабота со почеток во 17 часот против Велазерими од Кичево ќе ги започнат натпреварите во Втората македонска фудбалска лига-запад. „Сино белите“ имаа супер вовед за премиерата во Втората МФЛ елиминирајќи Беласица на пенали во 1/16 финалето во Купот на Македонија.
Мора и треба црвсто да останеме на земја и да не дозволиме еуфорија да завладее во нашиот состав. Ние направивме голем успех со пласманот во 1/8 финалето, но тоа е мал чекор во однос што треба да направиме сезонава. Нашиот прв противник во Втората лига е составен од искусни и квалитетни играчи. Тоа искуство им дава мала предност, но и ние си имаме свои адути кои ќе ги искористиме на средбата да стигнеме до трите бодови. Како главни адути ќе ги издвојам тимската хемија и поддршката од навивачите и публиката не само теренот туку и надвор од него. Нашата цел оваа сезона е опстанок и Охрид да пушти корени во Втората лига и еден ден да се бориме за влез во елитата. – изјави капитенот Александар Бакулески.
Спортскиот директор Александар Мартиноски им се заблагодари на „Рибарите“ и публиката за поддршката на мечот со Беласица. Тој ги повика сите љубители на фудбалот да дојдат во што поголем број и да им дадат ветар во грб на фудбалерите.
Фудбалерите и сите останати чинители во клубот не успеавме да се израдуваме на успехот кој го направивме со пласманот во Купот на Македонија, бидејќи ни следува уште поголем предизвик наречен Велазерими. Играчите имаат некои ситни повреди, но мислам дека ќе стегнат заби и ќе одиграат нов херојски натпревар. Уште еднаш упатувам апел до сите љубители на фудбалот да дојдат на стадионот и да ги бодрат фудбалерите во сино бели дресови. – рече Мартиноски.
Натпреварот се игра сабота (утре) со почеток во 17 часот. Билетот чини 50 денари.
Мх.П.
Втора МФЛ: Дејан Младеновски на центарот во Охрид, Бафто во Гостивар