Претставниците на Месната заедница Куратица добро да ги читаат законите пред да реагираат во јавност на одредени состојби, вели директорот на јавното Комунално претпријатие од Охрид, Сашо Алчев, одговарајќи на прозивките дека тоа не ги извршува своите обврски и воведува дополнителни давачки за подигање на отпадот во селото.

Алчев го упатува претседателот на Месната заедница доколку не може да го прочита или разбере законот, да го прочита објаснувањето за наведените членови во објаснувањето на официјалната веб страна на јавното комунално претпријатие.

-Доколку претседателот на М.З. не знае како функционира системот, нека дојде во Комуналец каде истото ќе му биде објаснето, вели Алчев посочувајќи дека за да изврши јавното претпријатие одредена услуга треба да добие налог од локалната самоуправа.

М.З. Куратица реагира на тоа што во последно добиените сметки за подигање на отпадот  на жителите на селото Куратица, стои нова ставка за плаќање дополнителна сума за Јавна чистота  во селото, иако како што тврдат оттаму јавното петпријатие не извршува дополнителна услуга. Од Комуналец возвратија дека се работи за непознавање на законот.

– Согласно Законот за јавна чистота, одржувањето на јавната чистота, собирањето на сметот и чистењето на снегот во зимски услови се дејности од јавен интерес од локално значење. Во истиот закон стои и дека  за одржување јавна чистота се плаќа надоместок во зависност од изграденоста, уреденоста на јавните површини и потребата – обемот за одржување на јавните површини на нивното подрачје. Средствата собрани од надоместокот за одржување на јавната чистота се приходи на општината и се користат за финансирање на работите на јавната чистота, а наплатата на надоместокот за одржување на јавната чистота се врши преку доставување на сметка за собирање на комуналниот отпад и другите видови неопасен отпад, кој се прикажува одвоено на сметката. Снегот и мразот во село Куратица го чисти Локалната самоуправа од овие средства, исто и одроните кои се јавуваат на патот кон селото, а годините наназад се чистат и локалните канали, информираат од ЈП Комуналец.

OhridNews