Актуелниот вршител на должност директор на Ј.П. „Охридски Комуналец“, Сашо Алче ќе остане на оваа функција најмалку до завршување на трансформацијата на јавното претпријатие. Ова го најави градоначалникот Александар Петрески коментирајќи ги бројните шпекулации што деновиве проструија во јавноста.

Треба да заврши тој процес и не е добро сега да поставам генерален директор, а после два три месеци да имаме нови директори и затоа сметам додека тече овој процес кој мора да го завршиме Сашо Алче треба да остане на раководната функција на ЈП „Охридски Комуналец“, изјави Петрески.

Градоначалникот најави дека наскоро треба да започне изградбата на регионалната депонија, но не прецизираше кој ќе застане на чело на новото јавно претпријатие,. Инаку  неофицијално во јавноста се спомнуваат повеќе имиња, меѓу кои и тоа на актуелниот претседател на ВМРО НП Ванчо Костоски.

Општините од југозападниот плански регион треба да изградат заедничка депонија за да биде таа исплатлива и на тоа се работи. На состанок на градоначалниците од регионот ќе се прецизираат деталите околу регионалната депонија која според најавите ќе се гради со инвестиции од Швајцарија, Италија и Германија и сигурно тој што ќе  инвестира во депонијата ќе си постави и директор, додаде Петрески.

Ohridnews