Албанските државјани кои деновиве патуваат за Македонија се изнендени од одлуката на македонската влада за промена на визниот режим, според кој тие од 1 февруари наместо на граница како досега визи ќе треба да вадат во амбасадата во Тирана.


Наскоро нов визен режим за граѓаните на Албанија

Екипата на Ohridnews го посети граничниот премин Ќафасан каде поразговаравме со албанските државјани кои патуваа преку овој  граничниот премин. „Ако веќе ги има визите треба да се вадат на граница, но сметам дека Албанија и Македонија треба да го укинат целосно визниот режим со што ќе го олеснат движењето на граѓаните и стоката“ ни изјави возач на камион од Корча. Со слично видување затекнавме уште неколкумина албански граѓани.

На граничниот премин Ќафасан дневно во просек поминуваат околу 2000 возила, за викендите околу 3000, а најфрекфентно е на лето кога неретко минуваат и до 8.000 возила дневно, не информираше Златко Нестороски, комадир на Полициската станица на Ќафасан. Прометот на возила на Ќафасан во моментов се одвива нормално. На преминот истакнати се соопштенија со кои албанските граѓани се информираат за измените во визниот режим, а усно тоа им го објаснуваат и службениците на граничниот премин, вели Нестороски. „Засега реакции немаме, но тоа најдобро ќе се види по воведувањето на таа практика. Очекуваме да има во старт извесно намалување на фрекфенцијата од една страна, а од друга страна ќе имаме многу побрз проток на патници затоа што времето на чекање на преминот ќе биде намалено“ ни изјави Нестороски. Тој вели дека граѓаните на Албанија засега информацијата за воведување на новиот визен режим ја прифаќаат нормално со очекувања за одредени визни олеснувања во наредниот период.


Засега состојбата на Ќафасан е нормална

Најпогодени од воведувањето на новиот визен режим ќе бидат туристичките работници кои стравуваат дека владината одлука ќе влијае на намалување на бројот на гостите од Албанија во Охрид, Струга и во другите туристички центри во Макдонија, поради што тие бараат државата да ја преиспита добро својата одлука.

Г. Момироски