Весникот „Илинден“, единствениот печатен медиум на македонски јазик  во Албанија, објави текст во спомен и чест на една од најпознатите филмски, сценски и театарски актерки во Албанија, Загорка Шуке-Канефче, по потекло од Охрид.

Македонката Загорка Шуке –  Канефче е родена во македонскиот бисер Охрид, на 14 јули 1914 година. На нејзина 14-годишна возраст заедно со семејството,  го напуштила Охрид и се преселила во градот Поградец. Петходно, во 1926 година,  нејзиниот татко како професионален рибар заминал за Поградец,  со цел да подучува младинци на рибарскиот занает и да заработува за своето семејство, стои во написот.

Откако се населиле во Поградец, Загорка била забележана од учителскиот кадар како талентирана девојка во областа на драмската уметност.

Поради тоа, по завршувањето на основното училиште се запишала во Женското училиште во Тирана. По завршувањето се вратила во Поградец каде продолжила со нејзиниот уметнички живот.

Важно е да се каже дека Загорка била првата жена што учествувала во Аматерскиот театар на градот играјќи многу улоги со Пиро Џечи, Панди Анѓели, Паско Жико, Копи Амбон итн. Нејзиниот талент  не останал незабележан  од многубројните актери и други  театрски работници. Во 1962 година, после создавањето на професионалната естрада, таа станала професионална актерка, а така било додека не се пензионирала, наведува весникот.

Загорка учествувала и во многу албански филмови. Најпозната е по нејзината изведба во филмот „Капедани“(Капетан), а  публиката ја памети и по улогите во филмовите „Утринска војна“, „Патиштата што го бараа сонцето“, „Дамите од градот“, „Првиот ден на закажување“ и други.

Од страна на Општинскиот совет на град Поградец прогласена е за „Гордост на градот“. Починала на 17 јануари 2000 година во градот Поградец. По повод 22-годишнината од нејзината смрт со посебен текст се потсетува и општина Подградец, во кој и оддава заслужена почит.

OhridNews