Албанската полиција разби организирана македонско-косовска група чии членови краделе скапи возила во западно европските земји и ги продавале во Албанија.
Во акцијата насловена „луксуз” запленети се седум луксузни возила, уапсено е едно, а се трага по уште пет лица. Во полиција на распит се повикани и лица кои набавиле возила од оваа група.
Возилата кои достигнуваат високи цени на пазарот ги изнајмувале македонски и косовски државјани од агенции во различни земји на Европската унија, главно од Германија, а потоа ги внесувале во Албанија преку граничните премини „Ќафасан” на албанско – македонската и „Морина” на границата со Косово, соопшти полицијата.
Се додава дека за да избегнат следење пред да влезат на албанска територија го оневозможувале ГПС-от и автомобилите ги пријавувале за украдени. Процедурата за нивна продажба продолжувала со промена на бројот на шасијата.
Полицијата потврди дека оваа шема се користела веќе пет години и основано се сомнева дека во Албанија на овој начин се внесени над 200 луксузни возила.
OhridNews