– Во една нормална земја, со луѓе кои знаат што е леб и чест, имаат господово право да го изгорат знамето, среде Скопје. Имаат господово право поради тоа што им го направи МАНУ. Претседателот и премиерот на Македонија треба службено да им се извинат на Албанците, и ви велам, ова е само почеток, Енциклопедијата не може да биде една книга каде што се прават грешки, , изјави Пандели Мајко.
Поранешниот албански премиер кој своевремено беше и министер за одбрана на Албанија го прокоментира и делот од оспорената Македонска енциклопедија каде се наведува дека американски и британски специјалци ја обучувале терористичката ОНА.
– Ако припадниците на ОНА беа обучени од Британците и Американците, како што се претендира, ве убедувам дека денес во Скопје немаше да има славомакедонци и историјата ќе имаше друга реалност, вели Мајко.
Овие екстремни и остри изјави на влијателниот член на Социјалистичката партија на Албанија дополнително ги разбуркаа страстите на Балканот. Објавувањето на Македонската енциклопедија на МАНУ со денови е предмет на силни реакции не само во земјата, туку и од соседните држави, пред се Албанија и Косово. Официјален Брисел со внимание ја следи состојбата во Македонија, а не се исклучува можноста Енциклопедијата да се најде и во извештајот на ЕУ за напредокот на Македонија кој наскоро треба да биде објавен.