Револтот во соседна Aлбанија по повод измената на начинот на вадење на визите за Македонија, не стивнува. Државната телевизија отиде најдалеку, и Македонија наместо со уставното име во информативните емисии ја ослови со референцата „БЈРМ“.

Прв обид да се испеглаат недоразбирањата имаше на средбата помеѓу министрите за економија на Македонија и Албанија, Вера Рафајловска и Генц Рули, вчера во Скопје. Рули на средбата истакна дека Албанија нема да воведе реципрочни мерки кон Македонија, но бара од својот сосед кон неа да го применува истиот визен режим, како и кон останатите земји во регионот. „Сосема ја разбираме потребата на Македонија да ги исполнува стандардите и обврските кон Брисел, но, се надеваме дека по дипломатски пат ќе се изнајде решение за овој проблем“, рече Рули.

Објаснување на Законот за престој на странци и визниот режим кон Република Албанија даде и Владата:

„Владата на Република Македонија ја разбира вознемиреноста на Владата на Република Албанија во врска со прашањето поврзано со визите токму заради тоа што Македонија беше жртва на визната политика на други земји во изминатиов период. Новиот Закон за престој на странци е закон со европско знаменце и со овој закон Македонија ги транспонираше европските директиви и регулативи, а тој беше еден од клучните проекти за либерализација на визниот режим кон ЕУ.
        
 Меѓутоа, од клучен интерес за Република Македонија е да се обезбеди непречена комуникација помеѓу граѓаните на Република Македонија и граѓаните на Република Албанија, помеѓу бизнис-заедниците, да се продлабочи и интензивира трговската размена, културната соработка, образовната соработка, како и соработката во сите други домени. 
         
На следната владина седница ќе се разгледуваат мерки за надминување на оваа ситуација, а очекуваме дека при средбата помеѓу премиерите Груевски и Бериша, предвидена за првиот квартал од оваа година, ќе биде отворено и ова прашање и двајцата премиери ќе се обидат да изнајдат трајно решение за визниот режим помеѓу двете држави“, се вели во владиното соопштение.

Инаку спорд владината одлука, албанските гражани за влез во Македонија од 1 февруари наместо на граница визи ќе вадат во амбасадата во Тирана, што наиде на жестоки реакции како во Албанија, така и во Македонија.

ohridnews