Албанскиот Парламент, на денешната пленарна седница, што ја почна со едноминутно молчење во знак на почит на загинатите македонски патници во автобуската несреќа во Бугарија, го ратификува договорот за заеднички контроли на граничните премини меѓу Северна Македонија и Албанија.

Албанија и Северна Македонија ќе имаат заеднички гранични контроли по истиот модел што го имаме со Косово и Црна Гора, рече министерот за внатрешни работи Бледи Чучи во своето обраќање во Собранието.

Верувам, додаде, дека на сите им е јасно оти овој договор има за цел да ги зајакне врските со нашиот сосед и ова ќе биде во корист на  заеднички напори за ЕУ и иницијативата за Отворен Балкан. Чучи  додаде дека на сите шест гранични премини ќе има само еден контролен шалтер.

Главните цели на договорот се да се олесни движењето на луѓе и стока, да се зголеми соработката во исполнувањето на заедничките безбедносни интереси и брзата размена на информации, да се зајакне професионалниот капацитет на службениците на граничната полиција и да се контролира квалитетот на спроведувањето на законот за граничната контрола, рече Чучи.

Долж македонско албанската граница функционираат граничните премини Свети Наум кај Охрид, Ќафасан кај Струга, Стење кај Ресен, Блато кај Дебар и граничниот премин Џепиште-Требиште кој е од локален карактер и веќе функционира заедничка контрола.

 

OhridNews