Фудбалерите на Барселона, бесот за двете последователни ремија во Ла лига го истурија над Алавес кој со четири парчиња во својата мрежа замина од Ноу Камп. Барселона славеше со 4-1.
Резултатскиот притисок си го направи своето и каталонците после 45 минути го решија победникот постигнувајќи два погодоци во мрежата од противникот. Мразот го скрши Ентони Гризман, а водството го дуплираше Артуро Видал.
На стартот од второто полувреме, тимот на Алавес намали на 2-1, но тоа беше се што направија на Ноу Камп. Лионел Меси со евро гол зголеми на 3-1, а Луис Суарез од пенал ги постави конечните 4-1.
Барселона со најновиот триумф се искачи на врвот од Ла лига и му постави нова задача на Реал Мадрид. „Кралевите“ во пресрет на 18-та рунда имаат ист број на бодови со големиот ривал. Утре, со почеток во 21 часот, Реал Мадрид на домашен терен го пречекува Атлетик Билбао.
OhridNews