Слабите резултати во серија го запалија црвено светло во Ракометниот клуб Охрид. Управниот одбор упати сериозна критика дека играта и резултатите на клубот во досегашниот дел од сезоната се под очекувањата. На вчера одржаниот тренинг на екипата и се обрати претседателот на РК Охрид Димитар Спасески, кој на ракометарите им го пренесе ставот на Управниот одбор дека постигнатите резултати не се совпаѓаат со амбициите на клубот, кој пред почетокот на сезоната се засили со неколкумина играчи со цел да атакува на едно од првите 4 места на табелата во Супер лигата кои водат во плеј офот. Евентуално продолжување на лошите изданија и настапи повеќе нема да се толерира, и предочи на екипата УО.
По десет одиграни натпревари во Супер лигата „гладијаторите“ имаат четири победи, едно реми и пет порази што е далеку од планираното, и во моментов РК Охрид е надвор од зоната која води во плеј офот.
Првата можност за поправен избраниците на тренерот Горан Андоновски ја имаат веќе в сабота на дуелот со претпоследно пласираната Преспа во Ресен. Со евентулен пораз Охрид речиси ќе ги изгуби шансите за пласман во разигрувањето за титулата и учество во еврокуповите, а победа може да донесе нов оптимизам и дополнителен мотив за успех во преостанатите мечеви од регуларниот дел на сезоната, во кој „гладијаторите“ немаат право на грешка.
Одговорноста сега е на нив.
Мх. П.