Охридската општа болница, после реновирањето на едно од крилата, стана една од најсовремените во државата, но и таа, како и други здравствени организации се соочува со недостаток на стручен кадар. Охридската болница неодамна вработи деветнаесет медицинска лица, со што според раководството, ќе се пополни недостатокот на кадар кој се јавува годините наназад. Во план се и нови вработувања, но загрижува тоа што нема млади лекари во Охрид.

Постојано сме во контакт со министерот за здравство и надлежните службите од ресорот. Ние имаме примено 19 млади лекари од кои 10 се на специјализација, дополнително примивме нови десет сестри, а имаме уште пет нови вработувања. Интенцијата е сите да одат на специјализација, која започнува во септември и се одвива по програмата на министерството, со што се надевам ќе го надминеме вакумот кој години беше присутен во Охрид. Засега мислам дека овие вработувања се доволно, имаме во план да примиме и нови млади лекари, но во општината нема многу, значи потребни се нови програми и во тој контекст ја следиме европската пракса.-изјави директорот на општата болница д-р Љубен Арнаудов.

Министерот за здравство Никола Тодоров е свесен за проблемот. Токму затоа вели тој, неодамна министерството го најави проектот „Наш специјалист“, чија цел е да се премости дефицитот на лекари во земјата.

Со овој проект се овозможува согласно законот, доктори од една да бидат испратени во друга здравствена установа доколу таму има дефицит и потреба од таков тип на специјалисти, со цел да го премостиме периодот во кој што ќе успееме да креираме кадри. Фактот што подолг период немало доволен број вработувања и немало доволен број на специјализации практично довело до ваква ситуација. За илустрација порано имало по 40, 50 до 60 специјализации годишно на ниво на цела држава, сега ние објавуваме 300-400 специјализации годишно. – вели министерот Тодоров.


Никола Тодоров

Тој појсни дека целта е сите доктори да добијат шанса доколку се пријават и пројават желба да специјализираат, a за тие што работат во болници би требало да биде задолжително да одат на специјализација од одредена област и на тој начин на долг рок да се изнајде решение за овој проблем.

Г.М.