Над половина раководители во ЦУК се лингвисти или педагози, вели во интервју за Радио Слободна Европа првиот човек на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов.
Пожарите ја чинат државата многу пари и економските последици се огромни, вели директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов. Во интервју за РСЕ, тој зборуваше за моменталното функционирање на системот за управување со кризи и најавата за негова реформа.
Со една реченица, потребна е итна трансформација на целиот систем за управување со кризи вклучително и на системот за гаснење на пожари како составен дел на целиот систем за управување со кризи, изјави Ангелов.
Тој истакна дека има проблем со набавената скапа опрема која, како што истакна, или фаќа прашина некаде или не е каде што треба.
Каде е опремата, еве и јас тоа прашувам тој што ја набави. Поделена е и таа опрема, фаќа прашина. Поделена е секаде онаму каде што требало, по различни станици, по други институции.
Опремата не е во противпожарните бригади.
Се работи за систем кој не може да профункционира, немаме капацитет. И јас сакам да се натпреварувам на Олимпијада, но, не можам. Значи, не ги исполнуваме условите. Ние во Центарот за управување со кризи работиме на чкрги. И овде јас работам со десетина луѓе, сите операции, покривам по една област со по еден човек, не дај Боже, некој да се разболи, имам незаменливи луѓе, а добар дел од луѓето се апсолютно неупотребливи, односно по некој пат ставаме во функција некој вработен – ќе ни направи дополнителна штета и потоа треба двајца да ја поправат таа штета. Оваа институција била користена за вработување на партиски кадри, дел од нив кои што не можеле да ги сместат на друго место.
Има добри кадри кои што се преминати од Македонската армија, но, за жал полека заминуваат во пензија. Има една група од воена Академија која што за нивна несреќа завршила директно во ЦУК, ги најдов малтене во подрум, затоа што беа на најниските почетни позиции. Ги унапредив сите, сите до еден ги ставив во функција. И уште неколку квалитетни луѓе. Ако овде направиме анализа на раководителите, повеќе од 51% имат завршено македонски јазик или Педагошка академија. Но, се плашам дека 70% од раководителите имат македонски јазик и педагошка академија. Кога некој се одлучил да студира македонски јазик или албански јазик или педагошка академија, тој имал голема желба да биде јазичар. И во меѓувреме сфатил дека тој сака да работи кризен менаџмент и наеднаш станува експерт за кризен менеџмент. Па тогаш, зашто постои Воена академија? – прашува Ангелов.
Целото интервју погледнете го тука.
Извор: РСЕ