Велосипедскиот клуб „Екодром“ алармира дека на повеќе локации долж охридското крајбрежје има медицински отпад, кој најверојатно после бранот е исфрлен од водите на Охридското Езеро.


Од велосипедскиот клуб „Екодром“ велат дека ваков отпад покрај на плажите во околината има и на градскиот кеј.

– На брегот има големи количини медицински отпад, посебно воочливи низ остатоците од трска се шприцeвите, амбалажа од инсулин, и најразличен друг медицински отпад, кој е незамисливо да се најде во водите на езерото. Како тој стигнал до езерото, дали некој го исфрлил во околните реки по сливот на езерото па се растурил по целото крајбрежје или можеби се работи за нешто друго, не можеме да кажеме, но потребно е надлежните инспекциски служби веднаш да излезат на терен и да испитаат како медицинскиот отпад завршил во езерото. – велат во изјава за OhridNews, членови на велосипедскиот клуб „Екодром“ кои деновиве направија десетици фотографии на кои јасно се забележуваат остатоци од медицински отпад во отпадот што го исфрла езерото.


Од „Екодром“ очекуваат надлежните служби веднаш да интервенираат и да проверат во здравствените установи како се третира медицинскиот отпад и како тој завршил во езерските води.

OhridNews