По пласманот на првата позиција во групата Д, репрезентацијата на Македонија во четвртфиналето од предолимпискиот турнир ќе игра против Доминиканска Република.
Репрезентација со многу различни оружја низ теренот, но сепак со Ал Хорфорд секогаш во главна улога.
Уште пред почетокот на овој турнир, Доминиканска Република беше вбројувана меѓу неколкуте „фаворити од сенка“. Оваа земја од Карибите само втор пат во историјата настапува на вакво натпреварување од светско ниво, откако претходно, во 1978 година играше на Светското првенство во Манила каде заврши на 12 позиција.
Доминиканска Република на предолимпискиот турнир пристигна по поразот од Бразил во полуфиналето од минатогодишниот шампионат на Америка, а ја имаше најдобрата можна увертира на настапот во Каракас, со триумфот над Порто Рико во финалето од Центробаскетот (шампионат за земјите од Централна Америка).
Репрезентацијата е предводена од селекторот Џон Калипари, кој моментално е тренер на универзитетот во Кентаки, а во кариерата може да се пофали и со НБА искуство.
Американецот три сезони (1996-99) беше тренер на Њу Џерси Нетс, за потоа една сезона да помине и во Филаделфија 76-ерс, како асистент на легендарниот Лери Браун. Во остатокот од речиси 30-годишната тренерска кариера, постојано работи со тимови во универзитетските лиги во САД.
На располагање за овој предолимписки турнир, Калипари има тим составен од двајца кошаркари кои настапуваат во НБА лигата (Ал Хорфорд – Атланта, Франциско Гарсија – Сакраменто) и повеќемина други, кои играат во силните првенства на Бразил, Аргентина, Шпанија и Италија.
Иако има повеќе оружја низ теренот, Доминиканска Република сепак, според играта на досегашните натпревари, најмногу зависи од настапот на Ал Хорфорд под кошевите.
Центарот на Атланта го пропушти поголемиот дел од минатата сезона во НБА поради повреда на рамото, но на само трите натпревари на кои настапи, докажа дека сепак се наоѓа во врвна форма.
Покрај него, шутот на Гарсија, скоковите на Мартинез и сестраноста на Баез, Жил и Фортуна, ја прават Доминиканска Република силна екипа за било кој ривал.
Доминиканска Република до четвртфиналето стигна со победа над Кореја и пораз од Русија.
Ал Хорфорд според статистиката, моментално е најдобар стрелец на турнирот во Каракас со 26 поени по натпревар, а дури двајца играчи од оваа репрезентација се наоѓаат на врвот во категоријата на скокови, со двоцифрен број во просек. Џек Мартинез има 18,5, додека Хорфорд има 10,5 скокови по натпревар.
Репрезентацијата е моментано втора на турнирот по бројот на скокови, со 43 во просек по првите две средби, додека во останатите поважни статистички категории, Доминикана се наоѓа зад Македонија.
Четвртфиналниот натпревар помеѓу Македонија и Доминиканска Република се игра во петок, победникот од овој дуел, во полуфиналето ќе игра со подобриот од мечот помеѓу Литванија и Порто Рико.
извор „basketball.org.mk“
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com