Капиталниот проект „Аквапура-Преспа“ со кој португаската компанија „Аквапура“ сака од Отешево да  направи елитна туристичка населба се уште чека дозвола од Министерството за транспорт и врски.

„ Проектот е во завршна фаза. Се што требаше од наша страна е завршено. Сите потребни документи се доставени до министерството“, потврди претседателот на компанијата, Диего Ваз Гедеш.

Инвеститорите велат дека со оглед на обемноста на проектот и специфичниот карактер на локацијата, која се смета за природно богатство, нормално е административната процедура да трае подолг период.

Аквапура -Преспа  ќе се гради на брегот од Преспанското Езеро на површина од 50 хектари. Португалците планираат  да ја стават Преспа на светската туристичка мапа со изградба на хотел до 80-тина соби, спа-центар и 50 вили, за што се подготвени да вложат повеќе од 70 мииони евра.

За локалната власт од Ресен, ова е одлична можност за развој на туризмот и економијата, а посебно во делот на вработувањето на локалното население.

Агенцијата за развој и поддршка на туризмот на Владата на Република Македонија на претседателот на “Аквапура“,  Диего Ваз Гедеш му ја додели наградата “Свети Климент Охридски 2009” за еден од најголемите елитни туристички проекти во Југоисточна Европа.

Проектот започна да се подготвува уште во 2006 година. Првиот Аквапура проект е спроведен на реката Доро во Порто.

A.Р.