Охридската локална самоуправа , до Основниот суд во Охрид поднесе околу 100 пријави, за бесправна градба на објекти, во стариот дел на  градот.  Тоа значи дека Судот ќе одлучи кога и кои од сопствениците на дивоградби ќе добијат решенија за уривање. Според Општината поголемиот дел од пријавите се однесуваат на доградби на постоечките стамбени објекти, летни кујни, визби и локали, а меѓу нив нема ниту еден случај за дивоградба  на цел стамбен објект.

Од Општината објаснуваат дека постапката за уривање на објектите не е едноставна. Според прописите, прво состојбата на терен ја согледува градежниот испекторат. Откако ќе утврди дека одреден објект се гради неисправно, подотвува соодветна документација и доставува пријава до Основниот суд. Судот мора да биде вклучен во целата процедура затоа што според Законот за градба, дивоградбата се вбројува во дела кои го нарушуваат овој закон и затоа решенијата за рушење мора да се утврдат низ судска постапка. Откако судот  ќе  утврди дека пријавениот сопственик неисправно градел и го повредил Законот за градба, надлежите во Општината ќе може да излезат на терен и да го срушат бесправно изградениот објект.

Бидејќи  се работи за објекти кои се наоѓаат во населено место со збиена страуктура на градба,  треба  да се внимава, при уривањето на дивоградбите да не се оштетат останатите објекти во стариот град. Поради тоа ќе треба посебно да се внимава и при изборот на Фирмата која ќе го изведува  уривањето на објектите. Таа ќе треба да располага со соодветна механизација и стручни лица кои ќе можат да го извршат уривањето -изјави Никола Маневски, потпарол на Општина Охрид.

Тој објаснува дека изборот на фирмата која ќе го изведува уривањето ќе се утврди низ тендерска постапка. Тендерот за избор на фирмата,  Општината ќе се распише откако судот ќе донесе одлука за уривањето на поголем број од дивоградбите, за кои е поднесена пријава.

– Поради специфичноста на теренот  во стариот дел на градот, акцијата за рушење на објектите  ќе треба да се спроведува организирано, односно наеднаш ќе се уриваат повеќе дивоградби. Поради тоа  ќе мора да се чека судската одлука за поголем дел од објектите,  кои се пријавени за бесправна градба.  Покрај акцијата за рушење, судската одлука ќе се чека и поради  фирмата која ќе биде избрана на тендерот. Таа  ќе треба однапред да знае колку објекти ќе треба да урне и во колкав временски период-објаснува Маневски.

Уривањето на диворадбите во стариот дел на Охрид, општината го најави уште пред два месеци. Целта на уривањето на бесправно изградените објекти е да се зачува автентичноста на овој дел на градот.

Е.Е.