Актерите Горан Стојаноски, Јасмина Билаловиќ и Ирена Ристиќ, од охридскиот Народен театар ја добија наградата „НЕТА“ во рамки на 23-то издание на фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица. Наградата е доделена за претставата „Стари времиња“ од Харолд Пинтер во режија на Нела Витошевиќ.

Театарската мрежа „НЕТА“ го доделува ова високо признание за оригинална актерска интрепретација на претставата.

-Оваа награда значи дека новите, поточни вистинските вредности кои се развиваат веќе подолго време во театарот се препознаени од една таква мрежа како што е НЕТА. Во оваа претстава актерската игра не е ни модерна, ни конвенционална туку едноставно е реално емоционално и ментално разголување на актерот пред публиката. Тое е една вистинска вредност и сметам дека еден вистински квалитет е преопознаен. За мене, за Ирена, за Јасмина како актери и секако за режисерката Нела Витошевиќ оваа награда значи едно големо признание за целиот вложен труд, изјави актерот Горан Стојаноски.

Тој истакна дека оваа награда ќе значи дополнителен поттик и мотив за нови театарски успеси.

Инаку претставата „Стари времиња“ премиерно беше изведена во рамки на годинешното издание на фестивалот „Охридско лето“.

OhridNews