Екстремно неповолните временски услови, проследени со урагански налети на ветар, го спречија охридскиот планинар Мишко Танески во намерата да го освои највисокиот врв на Латинска Америка. Врвот Аконкагва, висок 6.965 метри, се покажа несовладив за  храбриот охридски планинар, кој со речиси никаква логистичка поддршка тргна во негово освојување.

Двонеделната експедиција цело време беше пратена од многу силно невреме  и ветрови кои на места дуваа со брзина и над 120 км. на час. Неможевме да спиеме, а шаторите низ логорите буквално ни се уриваа , вели во ексклузивната изјава за Ohridnews, Танески.


Аконкагва не му посака добредојде на Танески

Тој се обиде да го освои врвот Аконкагва преку екстремно студениот Полски глечер од северната страна на високата јужноамериканска планина. По неколкудневно чекање да се подобрат временските услови експедицијата од вториот камп кој бил лоциран на 5900 метри надморска височина на 12 февруари се обидела да се искачи до следниот камп  350 метри погоре, кој, според Танески,  буквално бил разнесен од ветрот.

-Бидејќи немав логистика од водич требаше сам да решам што да правам. Милион слики ми се завртеа во главата, толку е блиску врвот, а да се откажам? Сепак мораше да се сетам на зборовита на стариот мудрец од Света Гора и да го оставам разумот сам да решава. Одлучив да се вратам назад и да го откажам искачувањето. Оваа одлука ја сметам за исправна и разумна  бидејќи ја донесов на висина каде кислородот е редок и го отежнува размислувањето, раскажува Танески.

Во клучните моменти на одлука тој вели дека пресудила помислата на семејството, кое едвај чека да го види. „Аконкагва е тука и повторно ќе се обидам да го искачам овој врв следната година“, оптимист е Танески.

Мишко Танески во изминатите 18 месеци успеа да се искачи на шест врвови повисоки од 4000 метри, меѓу кои и Килиманџаро, Мон Блан и Ајланд Пик на Хималаите. Тој најави дека нема да се откаже од намерата да го впише Аконкагва во неговата книга на успеси.

Горан Момироски