Според правните експерти кои ги консултирала новинската агенција, проблемот лежи во неусогласеноста на Законот за безбедност на сообраќај на патишта и Законот за задолжително осигурување. Ако се читаат одредбите на законите одвоено произлегува дека моторциклите не спаѓаат во групата на моторни возила кои подлежат на задолжително осигурување, иако е факт дека се моторни возила, па следствено на тоа не подлежат на авто одговорност.
„Работава е контрадикторна. Нема сомнение дека моторциклот е моторно возило кое подлежи на задолжително осигурување според член 3 од Законот за задолжително осигурување. Од друга страна пак со Законот за безбедност на сообраќај со член 2 тие се исклучуваат од групата на моторни возила за кои е задолжително осигурувањето. Во случај кога има колизија на закони, конкретно во овој случај треба да се земе во предвид Законот за задолжително осигурување, бидејќи тој го третира осигурувањето“, велат правниците.
Со нив се согласува и претседателот на Националното биро за осигурување Јонче Поповски, кој смета дека треба да има измена на Законот за безбедност на сообраќај на патиштата и посочува дека Министерството за внатрешни работи (МВР) во координација со Бирото веќе работи на измени на Законот.
„Освен измените на Законот, потребно е МВР да ги зачести и контролите на моторциклите“, вели Поповски.
Од МВР за „Макфакс“ потврдуваат дека се во тек активности за измени на Законот и дека се преземаат дополнителни мерки за поголема контрола на моторциклите чиј број секојдневно расте.
Судијата Сафет Алиу, кој на почетокот на годината во судски спор помеѓу граѓанин повреден од моторцикл и осигурителна компанија пресуди во корист на компанијата, повикувајќи се токму на спорниот член од Законот за безбедност на сообраќај, исто така се согласува дека се потребни интервенции во Законот.
„Делот со кој моторциклите се исклучуваат треба да биде исфрлен“, вели Алиу.